by admin

За нас

КИНСИВ

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти е формиран од Владата на Република Северна Македонија како независно истражно тело со својство на правно лице кое има за цел спроведување на техничко истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Средствата и опремата потребна за истражување на несреќи и сериозни инциденти се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија.

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ги истражува несреќите во кои учествувале цивилни воздухоплови или падобрани и врши задачи поврзани со собирање и анализа на податоци и други задачи поврзани со безбедноста на летот, особено за намалувањето на ризици во воздухопловството и спречување на несреќи, сериозни инциденти и инциденти, под услов овие задачи да не влијаат на независноста на Комитетот.

Цел на техничкото истражување на несреќи, сериозни инциденти или инциденти е подобрување на воздухопловната безбедност преку собирање на безбедносни информации и утврдување на причините за тие несреќи, сериозни инциденти или инциденти и преземање на соодветни мерки за спречување на нивно повторно настанување.

Комитетот врз основа на истражувањето на несреќата или сериозниот инцидент подготвува подготви безбедносни препораки кои ги испраќа до Агенцијата за цивилно воздухопловство, субјектите на воздухопловната индустрија и до други заинтересирани страни.

Безбедносните препораки немаат за цел да создадат сомнеж на вина или одговорност за воздухопловната несреќа, сериозниот инцидент или инцидентот.

Комитетот за истрага испраќа копија од финалниот извештај до:

  • Министерството за транспорт и врски;
  • Агенцијата за цивилно воздухопловство;
  • Соодветното инволвирано министерство;
  • земјата на регистрација на воздухопловот;
  • земјата на операторот на воздухопловот;
  • земјата на дизајн/градба на воздухопловот;
  • земјата на производство на воздухопловот;
  • земјата што има граѓани загинати или сериозно повредени во воздухопловната несреќа;
  • земјата која обезбедила корисни информации или значајни олеснувања или експерти;
  • Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) за воздухоплов со
    MTOW> 2.250 килограми;
  • Европската конференција за цивилно воздухопловство (ECAC) и
  • Европската комисија.

Комитетот за истрага го доставува финалниот извештај до јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи и засегнатите друштва за осигурување во случај на сомнение дека е сторено кривично дело или на нивно барање.

Формиран од Владата на Република Северна Македонија како независно истражно тело со својство на правно лице.

Цел на техничкото истражување на несреќи, сериозни инциденти или инциденти е подобрување на воздухопловната безбедност.

Истражувањето на несреќи и сериозни инциденти нема за цел утврдување на вина или одговорност.

     Комитетот се состои од тројца истражители кои ги именува Владата на Република Северна Македонија, од кои еден е именуван за претседател.

Претседателот на Комитетот во случај на несреќа или сериозен инцидент по потреба ангажира и надворешни експерти од областа на воздухопловството или странски истражни тела од цивилното воздухопловство или други тела кои се  валификувани за истражување на воздухопловни несреќи или сериозни инциденти.

За секоја несреќа или сериозен инцидент се именува главен истражител од страна на претседателот на Комитетот.

     При вршењето на истрагата истражителите од Комитетот за истрага мора да имаат службена легитимација со која се потврдува нивното својство и овластување.

     Истражителите и надворешните експерти ги имаат следниве права и надлежности:

  • слободен и непречен пристап до местото на несреќата или инцидентот, како и до воздухопловот, неговите составни делови или неговите остатоци,
  • евидентирање на доказите,
  • контролирано отстранување на остатоците или составните делови за преглед или анализа;
  • моментален пристап и користење на содржината од “црната кутија” или кои било други записи,
  • моментален пристап до резултатите од испитувањата на лицата инволвирани во оперирањето на воздухопловот или до тестовите направени на примероци земени од тие лица,
  • да испитува сведоци,
  • слободен пристап до сите релевантни информации или записи кои се кај сопственикот, превозникот (операторот/корисникот со/на воздухопловот) или производителот на воздухопловот, од властите одговорни за цивилно воздухопловство или за оперирање со аеродромот или од сите други релевантни субјекти,
  • пристап до резултатите од испитувањето (обдукцијата) на телата на жртвите или од тестовите направени на примероци земени од телата на жртвите и
  • пристап до информации од истражувањето на несреќата утврдени од Министерството за внатрешни работи, надлежните судови и јавното обвинителство.

Министерството за внатрешни работи, надлежните судови, јавното обвинителство и другите субјекти во истражувањето на несреќата или сериозниот инцидент мора да им овозможат на истражителите непречен пристап до неопходните оперативни, технички и правни информации и документи за истражувањето.

      Воздухопловот, деловите на воздухопловот и предметите кои биле транспортирани со воздухопловот, падобранот или предметите за кои постои сомнеж дека се можна причина за воздухопловната несреќа, не смеат да се вадат или поместуваат без дозвола од главниот истражител освен во случај кога е неопходно спасување на човечки живот или во други исклучителни случаи кога е неопходно за спречување на настанување на поголеми штетни последици.

     Истражителите и надворешните експерти на воздухопловната несреќа или сериозен инцидент ќе го испитаат секое лице за кое сметаат дека би можело да обезбеди релевантни информации за истражувањето и може да истражуваат објекти, документи, записи и податоци од електронски уреди.