Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Комитетот за истрага на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството (КИНСИВ) и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на координацијата и институционалната соработка меѓу двете тела во областа на безбедноста и истражувањето на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.
Меморандумот дефинира рамка за размена на информации, техничка поддршка и оперативна координација, особено во случаи кои бараат паралелно постапување — безбедносно истражување на местото на настанот и судско-истражни активности на надлежните органи. На овој начин се осигурува дека истражните постапки ќе се спроведуваат во согласност со меѓународните стандарди на ИКАО и домашното законодавство, со јасно разграничување на надлежностите и без меѓусебно попречување.
Двете институции изразија цврста определба за доследна примена на потпишаниот акт и за континуиран развој на меѓуинституционалната соработка. Меморандумот отвора можности за заеднички обуки, споделување на техничка експертиза и навремена размена на податоци релевантни за унапредување на воздухопловната безбедност во Република Северна Македонија.